Европскиот првак е фуриозен – Најави шоу во Москва како пред 25 години

Баерн Минхен е апсолутен фаворит за победа во Москва против Локомотив и пристигна во главниот град на Русија по 14-ти триумф по ред во Лигата на шампионите.

Европскиот првак е фуриозен, а гостува на местото каде што пред 25 години убедливо со 5:0 го декласира денешниот ривал. На 25 септември во 1995 година германскиот гигант пристигна во Москва со предност од 1:0 во меч од второто коло на УЕФА купот и ги декласира Локоси со петарда.

Јирген Клинсман постигна два гола, по еднаш прецизни беа Херцог, Шол и Штрунц, а Баерн со убедливи 6:0 се пласира во третата рунда во УЕФА купот.

Баварците и денеска се апсолутни фаворити против Локомотив, но домаќините се надеваат на подвиг.

„Мора да мислиме дека можеме да го победиме европскиот првак. Во спротивно може да ни се случи реприза од пред 25 години. Ремито би било одлично, но ние одиме на победа“, изјави Марко Николиќ, тренерот на Локомотив.

Неговиот колега Ханси Флик очекува нов поход на Баерн на европската круна, но вели дека нема да биде лесно во Москва.

„Ќе се обидеме да приредиме реприза од ланската сезона. Локомотив има цврста одбрана, примаат малку голови, а имаат одлични напаѓачи. Ќе мора да внимаваме на Смолов и на Едер и да бидеме максимално концентрирани во целиот меч“, изјави Флик.

Мечот се игра од 18.55 часот.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести