Скопските ривали Работнички и МЗТ Скопје Аеродром, со одредени проблеми дојдоа до нови два бода, а фаворитската улога ја оправдаа и Блокотехна и Гостивар.
Работнички губеше на полувреме од Фени, но третата четвртина ја доби со 26-6 и им покажа на кавадарчани кој е газда во „Градски парк“. МЗТ без Младеновски во составот, во последната четвртина го скрши отпорот на незгодниот Кожув. Гевгеличани погодија само три тројки.
Гостивар во првата четвртина против Шкупи даде дури 44 поени и си го отвори патот до победата, а гостите до последните десет минути дадоа само 4 поени. Блокотехна рано му даде до знаење на АВ Охрид дека не треба да се надева на триумф. Гостите предводени од Мијатовиќ, Гаидус и Младеновиќ го контролираа дуелот.
Без пораз е само Работнички, кој во следното коло има тешко гостување кај Блокотехна, која само еднаш беше надиграна. МЗТ Скопје, Гостивар и Куманово (слободен во ова коло) имаат по два порази.
ПРВА ЛИГА, 7 КОЛО, РЕЗУЛТАТИ: АВ Охрид – Блокотехна 71:82, Гостивар – Шкупи 115:62, Работнички – Фени индустри 92:87, Кожув – МЗТ Скопје Аеродром 79:89. Утре (17.30 часот): Вардар – Пелистер.