Фаворитите си играа на вртелешка, само Наполи не успеа (Видео)

Интересна премиера имаше во Европа Лигата, а дури четири фаворити ја одиграа популарната вртелешка и победија со по 2:1, откако губеа како гости со 1:0.

Играчите на Арсенал со двата гола на Луиз и на Обамејанг за само 240 секунди од 70. до 74. минута направија пресврт против Рапид во Виена и успеаа и да го корегираат големиот кикс на голманот Бернд Лено од првото полувреме.

Лено погреши и му асистираше на стрелецот Фоунтас во 51. минута, но потоа се си дојде на место и Топчиите стартуваа со победа во новото издание на Европа Лигата.

Идентични пресврти, но откако губеа со 0:1 на полувремето, направија и Рома против Јанг Бојс, Молде кај Дандалк и Гранада на „Филипс арена“ против ПСВ Ајндховен.

Голема сензација приреди АЗ Алкмар со победа на „Сан Паоло“ против Наполи со 1:0. Гостите од Холандија имаа голем хендикеп и допатуваа без цел тим, поради позитивни тестови на Ковид-19, но сепак го урнаа големиот фаворит.

Дани Де Вит со гол во 57. минута му донесе голема победа на АЗ Алкмар. Интересно беше и на „Бај арена“ со дури 8 голови, а Баер ја декласира Ница со 6:2.

Дарко Велковски, единствениот наш интернационалец што играше вечерва во првата сеанса од премиерното коло во Европа Лигата со Риека загуби со 0:1 против Реал Сосиедад.

Резултати: Баер – Ница 6:2, ЦСКА Софија – Клуж 0:2, Дандалк – Молде 1:2, Рапид – Арсенал 1:2, Хапоел Бер Шева – Славија Прага 3:1, Лех – Бенфика 2:4, Наполи- АЗ Алкмар 0:1, ПАОК – Омонија 1:1, ПСВ – Гранада 1:2, Риека – Реал Сосиедад 0:1, Стандард – Глазгов Ренџерс 0:2, Јанг Бојс – Рома 1:2.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести