Роџер Федерер објави дека нема да игра до крајот на годинава, без разлика дали ќе се продолжи со тениските турнири во услови на пандемијата со ковид-19.
По операцијата на коленото при крајот на февруари, Швајцарецот очекуваше дека ќе биде фит за продолжението на сезоната, ако тенис воопшто и се игра во 2020 година, но сега најави крај на сезоната.
„Почитувани навивачи, се надевам дека сте безбедни и здрави. Пред неколку недели направив чекор назад во процесот на рехабилитација и морав да направм уште една артроскопска интервенција на коленото. Сега одлучив и да ја направам неопходната пауза за да бидам максимално подготвен за тенис на врвно ниво. Ќе ми недостасувате и вие и тениските турнири, а се надевам дека ќе се видиме во 2021 година. Ви посакувам сè најдобро“, објави Федерер на „Твитер“.
Швајцарецот имаше слични проблеми со десното колено и пред 3 години, а сега ќе се обиде да ја искористи паузата за да закрепне потполно.
Федерер во август ќе полни 39 години и љубителите на тенисот и особено неговите симпатизери стравуваат дека ова е можен крај на тениската кариера на еден од најголемите играчи на сите времиња.