Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер во интервју за британското издание на магазинот GQ ја анализира актуелната ситуација во тенисот и даде свое мислење околу тоа како ќе заврши трката помеѓу него, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал околу бројот на гренслем-титули и дали некогаш тој рекорд ќе биде урнат.
„Неверојатно е што Рафа, Новак и јас имаме по 20 гренслем-титули. Кога ја почнував кариерата, рекордот беше 12, потоа Сампрас го подобри на 14, па во 2009 година јас станав рекордер со 15. Денеска е полесно да се доминира на различни подлоги, а порано имаше играчи кои не играа добро на сите подлоги, освен можеби Борг. Мислам дека некој нов неверојатен играч ќе го урне нашиот рекорд, но не сега, не може тоа да се случи преку ноќ“, вели Федерер, кој смета дека врз младите тенисери и тенисерки, притисокот е поголем поради социјалните мрежи и негативните коментари од фановите.