Поголемата концентрација и поддршката од 12-илјадната публика беа клучни фактори во победата на Фенербахче над ЦСКА Москва во дербито на Евролигата. Фенер славеше со 79:75 откако во последните две минути направи серија од 6-0.
Русите имаа плус 12 по првото полувреме, но кога беше најпотребно, турскиот тим беше на потребното ниво и остана само со еден пораз сезонава. Во второто полувреме, „армејците“ беа запрени само на 27 поени.
Димитрис Итудис не најде начин да го совлада својот учител и венчан кум Жељко Обрадовиќ, па ЦСКА падна на трета позиција. Итудис и Обрадовиќ во 2015 првпат се сретнаа еден против друг, откако пред тоа 13 години работеа заедно и со Панатинаикос освоија пет европски титули. Сега Србинот има 5-4 во дуелите со Гркот.