Фенер пак падна во Москва, ЦСКА на чекор до Ф4 во Евролигата

ЦСКА Москва поведе со 2-0 во четвртфиналната серија против Фенербахче, откако актуелниот европски првак го доби и вториот меч на домашен терен, не толку убедливо како првиот со конечни 78:67.

Фенер овојпат пружи повеќе отпор и се држеше резултатски во поголемиот дел од средбата. Сепак, освоената прва четвртина не беше доволна за гостите од Истанбул да го одржат високиот ритам, па ЦСКА на стартот од второто полувреме ја оствари првата двоцифрена предност.

Избраниците на Итудис имаа одговор за секој обид на Фенербахче да се врати во егал и да приреди драматична завршница, па при резултат 75:64 на 60 секунди до крајот, беше јасно дека Армејците ќе дојдат на чекор до пласман на Ф4 турнирот.

Хекет со 14 поени и 8 асистенции ја предводеше ЦСКА, двофицрени беа Шенгелија и Курбанов со 11, односно 10 поени, додека одличниот настап на Гудуриќ со високи 27 поени не беше доволен за Фенер да дојде до израмнување во серијата.

Третата средба е закажана на 28 април и ќе се игра во Истанбул, каде што ЦСКА ќе може да го елиминира Фенер со метла, односно 3-0 доколку победи.

- Оглас -

Најнови вести