Киргистанецот Бекназ Алмазбеков го воодушеви светот со својот потег кога намерно не сакаше да даде гол од пенал бидејќи прекршок над него за најстрога казна и немаше. Овој потег кој ќе биде кандидат за ферплеј-потег на годината, се случи на натпревар од турската лига за играчи до 14 години помеѓу Галатасарај и Истанбулспор.
Бекназ сам падна во противничкиот 16-тник, но судијата, во случајов жена, досуди пенал. Капитенот на Галатасарај беше свесен дека немаше пенал и не сакаше да го искористи подарокот, па наместо кон голот, топката намерно ја шутна настрана.
Со овој потег, децата им покажаа на повозрасните дека ферплејот треба да биде на прво место. Бекназ, кој е роден во јуни 2005 година, доби многу пофалби од познати спортисти.