Дисциплинската комисија во рамки на ФФМ информира дека по обезбедувањето нов доказен видеоматеријал во дисциплинската постапка против ФК Беса Слупчане, а поради направениот инцидент на одиграниот натпревар ФК Беса – ФК Аеродром 2018, натпревар од осмото коло од Третата лига – север, утврдено е дека во инцидентот учествувал и домашниот фудбалер Бехар Демири.
Против наведениот играч ќе биде изречена дисциплинска санкција – исклучување од фудбалската организација (доживотна суспензија).
Дисциплинскиот комесар на Третата лига – север ги повикува сите лица кои располагаат со видео или друг релевантен доказен материјал поврзан со инцидентот, тој да го достават за потребите на дисциплинската постапка.
Фудбалската федерација на Македонија повторно најостро го осудува секој облик на насилство на спортските терени и ќе продолжи со бескомпромисна примена на дисциплинските прописи,со цел заштита на интегритетот на натпреварите и безбедноста на сите учесници во фудбалот.
Покрај Бехар Демири, доживотни забрани за играње фудбал добија и Орхан Демири и Ердин Арифи. Причината за ова е физичкиот напад и обид за линч на противничкиот голман по завршувањето на натпреварот.
Бехар Демири, кој денеска беше казнет, се јави со реакција на Фејсбук, а се „тагна“ во Слупчане, Куманово, кои според него се во Република Албанија.
„Вчера Орхан Демири и Ердин Арифи беа казнети.
Денеска Бехар Демири беше казнет засекогаш од фудбалот.
Ова нема никаква врска со тоа што се случи на стадионот,
ова е 100% политика, ништо друго.
ФК Беса Слупчане ќе умреме за тебе“.


