ФФМ му верува на Милевски, УО нема никаква одлука за евентуална смена на селекторот

Благоја Милевски останува селектор на македонската фудбалска репрезентација и по денешната седница на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија. На официјалниот сајт на ФФМ се истакнати одлуките донесени на денешниот УО, а таму се објави за една смена на раководна функција, но тоа не е селекторската.

Милевски дебитираше на селекотрската клупа на 2 септември 2021 година, кога дојде на местото на Игор Ангеловски. Во првиот меч на Милевски како предводник, Македонија дома ремизираше со Ерменија (0:0).

Досега Милевски беше селектор на 22 натпревари, а Македонија под негово водство има осум победи, девет порази и пет нерешени. Најголем успех е победата над Италија во Палермо со 1:0, а најголем дебакл секако е историскиот пораз од Англија со 0:7 на Олд Трафорд.

Освен Италија што ја изненадивме, во овој период со Милевски на чело Македонија ги победуваше Лихтенштајн, Ерменија, Исланд, Гибралтар, Малта и Фарски Острови, а губевме од Бугарија, Грузија, Португалија, Германија, Саудиска Арабија, Азербејџан и Украина.

Македонија моментално игра во квалификациите за Европско првенство 2024 година и по три кола има три бода благодарение на победата над Малта со 2:1, но потоа следуваа поразите од Украина (2:3) и Англија (7:0).

 

- Оглас -

Најнови вести