Проблемите со спорните ситуации во фудбалот веќе трета година се решаваат со примена на ВАР технологијата, а сега таа технологија ќе се подобрува и слабостите ќе бидат сведени на минимум со понапредната „ВАР технологија 2.0“.
Станува збор за дополнителна поддршка за ВАР и судиите при утврдувањето на офсајд позиција на играчите. Досегашната пракса покажа дека во голем број случаи ВАР е речиси 100 отсто исправен, но процесот на утврдување дали било офсајд позиција пред да падне гол, и она исцртување на линиите при милиметарски офсајди некогаш трае предолго и ги иритира играчите и публиката.
Гневот е голем кога ќе се поништи гол затоа што некој бил во минимален офсајд со врвот на копачката или со носот. Според сегашните правила, помошните судии ако не се сигурни дали офсајд, не треба да го кренат знаменцето, туку се чека акцијата да заврши, па се гледа повторена снимка.
Со новата технологија „ВАР 2.0“ која е во тест фаза, и треба првпат да се имплементира на Мундијалот во Катар, веќе не би требало да има долги гледања на спорните ситуации. Со специјално направената крајно софитицирана технологија која ќе ги следи движењата на сите играчи, во иста секунда ќе му сигнализира на помошниот судија ако некој играч е во офсајд, па така, „мавтачите“ нема да имаат дилема дали да кренат знаменце или не.
Треба да се напомене дека навивачите нема да може да ја видат спорната ситуација како досега, туку таа ќе остане меѓу системот и судијата. Овој систем бил тестиран на Светското клупско првенство, обрабитени се податоците, а резултатите ќе бидат објавени наскоро. Во иднина, технологијата ќе решава дали има офсајд, а помошните судии ќе бидат само за да кренат знаменце ако добијат сигнализација.