Во следните неколку години Холандија ќе биде земјата во која ќе се тестираат неколку предлози за можни нови правила во светскиот фудбал. Светската фудбалска федерација и челниците на Холандската федерација се договорија да се направи експеримент во младинските и аматерските лиги кај Лалињата.
Петте нови предлози како можни правила во фудбалот би биле навистина револуционарни, доколку се усвојат. Првиот предлог е да се изведува аут со нога, потоа да може играчот сам на себе да си ја додаде топката при изведување на слободен удар, како и тоа да може играчите да бидат исклучувани само на неколку минути, па потоа да може повторно да се вратат во игра.
Меѓу новите правила е и тоа да може да се направат неограничен број измени, како и тоа да се пресметува чисто активното време поминато во игра.
Тестирањето на овие правила прво ќе биде во аматерските и младинските лиги, а потоа полека ќе започне применување на правилата во пониските професионални лиги, а на крајот треба да се промовира и во првата холандска лига.