ФИФА му „плесна“ нова забрана на најпознатиот фудбалски агент

Супер-агентот Мино Раиола доби тримесечна забрана од ФИФА за раководење на трансфери. Оваа суспензија стапи на сила пред неколку дена и важеше само за Италија, но сега Дисциплинската комисија на светската фудбалка куќа одлучи дека треба истата суспензија да се прошири на светско ниво.

Рајола не ќе може да реализира трансфери на своите клиенти до 9 август, што е тежок удар за неколку познати имиња кои летово планираа да менуваат средина. Меѓу попознатите се Пол Погба и Ромелу Лукаку од Манчестер јунајтед, како и супер-талентираниот дефанзивец на Ајакс, Матјас Де Лихт, кој е поврзуван со гиганти како Барселона, Баерн Минхен, Јувентус и ПСЖ.

Погба е мета на Реал Мадрид, но се чини дека ќе треба да почека за преселба во шпанската престолнина, но прашање е дали Флорентино Перес би чекал до август. Исто така меѓу попознатите фудбалери е и Марио Балотели, на кого му истекува договорот со Марсеј по крајот на оваа сезона, па планот да најде нов клуб ќе му се пролонгира исто така до осмиот месец од годинава.

Иако засега не се познати сите причини поради оваа казна, се шпекулира дека имало нерегуларности во трансферот на Џанлука Скамака од Рома во ПСВ Ајндходен, кој се реализирал во 2015 година.

- Оглас -

Најнови вести