Светската фудбалска федерација (ФИФА) на денешниот 70-ти Конгрес потврди една револуционарна промена во фудбалот. Веќе неколку месеци се зборуваше за идејата фудбалерот да може да го промени репрезентативниот дрес. Досега, доколку еден играч имаше заиграно за сениорска селекција на една земја, повеќе немаше право да го менува националниот дрес, но сега ќе биде поинаку.
Со 193 гласа „за“, само еден „против“ и седум неважечки гласа, беше донесена одлука фудбалерите да може да ги сменат и репрезентативните бои. Сепак, за тоа да се случи, мора да се исполнат неколку услови и тоа:
1. За репрезентацијата која досега има настапувано, да нема одиграно повеќе од три натпревари.
2. Во времето кога ги играл тие три меча да немал повеќе од 21 година.
3. Да нема настап на Светско првенство или друго континентално натпреварување како што се ЕП, Копа Америка, Африкански куп…
4. Од последниот репрезентативниот настап да има поминато најмалку три години.
5. Во време додека настапувале за првата селекција, да имале државјанство и за селекцијата во која сакаат да настапуваат.
Со ова правило сепак се ограничува можноста на богатите нефудбалски земји да може да „купуваат“ репрезентативци. ФИФА дозволи и играчите да може да го менуваат државјанството и да заиграат за друга земја, ако воопшто немаат настап за родната земја и тоа доколку најмалку 10 години се преселени од родната земја, а барем три години да имаат живеалиште во земјата за која сакаат да играат.
Целиот процес за донесување на новото правило започна откако некогашниот играч на Барселона, Мунир Ел Хадади сакаше да настапи за Мароко на Светското првенство во Русија, но не му беше дозовлено затоа што имаше еден настап за шпанската репрезентација и тоа на терен поминал само 13 минути во дресот на Црвената фурија и тоа во квалификациите за ЕП 2016. Според новото правило Ел Хадади конечно ќе добие можност да заигра за Мароко.