Европската асоцијација на клубови (ЕКА) и Светската фудбалска федерација (ФИФА) денеска потпишаа нов договор според кој клубовите ќе добијат повеќе пари за нивните фудбалери кои ќе настапуваат на наредните две Светски првенства.
„Меморандумот за разбирање е договорен на маргините на седницата на ЕКА во Будимпешта“, стои во соопштението на ЕКА.
ФИФА на последните две Светски првенства, што се играа во Русија (2018) и Катар (2022), на клубовите им исплати вкупно 209 милиони долари, додека за идните два Мундијали, во 2026 и 2030 година, ќе им исплати 355 милиони долари на клубовите кои ќе имаат свои репрезентативци.
„Ова е голем ден за иднината на фудбалот и за неговата стабилност. Презадоволни сме што ја обновуваме и ја продлабочуваме соработката со ЕКА, важен субјект кој ги претставува европските клубови“, изјави Инфантино.
Новиот договор ќе важи до 2030 година, а ЕКА ја поддржа одлуката на ФИФА за ново Светско клупско првенство кое ќе се игра на секои четири години и на кое ќе настапуваат 32 екипи од целиот свет. Првото натпреварување треба да се одржи во 2025 година, а Европа ќе биде застапена со 12 екипи.
Реал Мадрид и Челзи како победници во последните две изданија на Лигата на шампионите обезбедија настап на Светското клупско првенство, а сигурен настап ќе имаат и победниците во ЛШ од оваа и идната година. Останатите места ќе бидат распределени според рејтинг-листата на УЕФА, но притоа нема да може да има повеќе од два тима од една земја.