ФИФА размислува СП 2030 година да биде со 66 репрезентации

Помалку од 20 дена остануваат до почетокот на Светското првенство во САД, Канада и Мексико, кое ќе биде историско од повеќе аспекти. На овој Мундијал за првпат ќе учествуваат 48 репрезентации, а не како што беше праксата досега, кога на завршницата беа најдобрите 32 селекции од целиот свет. Ова ќе биде и прв планетарен собир кој ќе се игра во три земји.

Иако уште не е започнат турнирот со 48 репрезентации, па да се види каков ќе биде ефектот од зголемениот број на учесници, најавите се дека Светската фудбалска федерација (ФИФА) планира ново зголемување на бројот на учесниците. Се верува дека за Мундијалот кој ќе се игра во 2030 година, бројот на учесници може да достигне 66 репрезентации.

Првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, често овој турнир го нарекуваше како „глобална прослава“, а евентуалниот формат од 66 репрезентации ги разгоре страстите, посебно кај националните селекции кои никогаш не биле на завршницата, како што е Македонија. На СП 2026 година има неколку дебитанти, како што се Зеленортски Острови, Курасао, Узбекистан и Јордан.

Домаќини на СП 2030 година ќе бидат Шпанија, Португалија и Мароко, а дополнително мечеви ќе се играат и уште во три земји, и тоа Аргентина, Парагвај и Уругвај. Тоа СП во 2030 година ќе биде и прослава на 100 години од првиот планетарен собир кој во 1930 година се одиграл во Уругвај.

 

- Оглас -

Најнови вести