Само четири месеци откако доби отказ од тимот на Реал Мадрид, Чаби Алонсо повторно се враќа во тренерската работа, и тоа на клупата на Челзи. Шпанецот е уверен дека тоа е вистинска одлука за него.
„Челзи е прекрасен проект. Многу сум возбуден и подготвен сум да започнам со работа“, рече Алонсо во интервју за „Ел Чирингуто“.
Алонсо се очекува да го преземе клубот веднаш по завршувањето на сезоната. Првата работа во новиот клуб ќе му биде претсезонската турнеја во Азија, на која се очекува да учествуваат и екипи како Јувентус, Милан, Тотенхем, но и шампионот на Малезија, Јохор Дарул Тазим.
Интересно е дека ЈДТ е тим кој е еден од најдоминантните во светскиот фудбал кога се работи за домашната сцена. Јохор Дарул Тазим ги освои последните 12 титули во првенството на Малезија, а во последните пет сезони нема ниту еден пораз во домашниот шампионат.

