Фиго конечно откри зошто од Барселона замина во Реал Мадрид

Луиш Фиго е еден од најдобрите играчи во изминативе две децении, но е и играчот кој го направи најконтроверзниот трансфер во овие две декади. Португалецот кој беше миленик на навивачите на Барселона, со еден потег стана најомразена личност во фудбалска Каталонија.

Во летниот преоден рок во 2000 година, Фиго реши да си замине од Барселона и потпиша за најголемиот ривал на Каталонците, Реал Мадрид. Овој трансфер ги шокираше сите, но Фиго беше решен дека тоа е вистинскиот потег за него. Барселона доби 62 милиони евра од тој трансфер, но сепак ударот кој го доби од Реал беше многу поболен.

Навивачите на Барселона никако не можеа да му простат, па дури го гаѓаа со свинска глава и мобилни телефони кога Фиго гостуваше на „Камп ноу“.

Речиси по две децении од тој сензационален трансфер, Фиго реши да објасни зошто го направил тој потег, што ја одбележа неговата кариера.

„Кога сакате промена, секогаш го сакате најдоброто за себе. Првата логична промена ја направив кога од Португалија заминав во Шпанија. Бев млад и барав нов предизвик“, вели Фиго, кој потоа објасни зошто го направил трансферот од Барселона во Реал Мадрид. „Постојат неколку причини за тоа. Сакав трофеи, сакав да напредувам во сите сегменти: економски, титули, престиж… Потоа заминав во Интер бидејќи ја барав мојата фудбалска среќа“, вели Фиго.

Португалецот помина пет години во дресот на Реал Мадрид и одигра вкупно 239 мечеви, во кои даде 57 погодоци. Интересно е тоа што Фиго освои по седум трофеи и како играч на Реал Мадрид и како играч на Барселона, но со Кралскиот клуб се радуваше на најпосакуваниот трофеј, тој во Лигата на шампионите. Фиго за Барселона има одиграно 249 средби и постигна 45 погодоци.

 

- Оглас -

Најнови вести