Ракометната репрезентација на Македонија ја совлада Србија со 28:27 во вториот пријателски меч, овој од затворен карактер, без присуство на публика и ТВ пренос. Нашите најдобри ракометари кои се подготвуваат за Светското првенство во Германија и Данска, до триумфот дојдоа со погодокот на бекот Филип Лазаров на десетина секунди до крајот.
Пешевски со 6 гола беше најефикасен поединец, Кирил Лазаров и Талески дадоа по пет гола, а се истакна и Митревски со 15 одбрани. Шанса добија и помладите како Серафимов и Чурлевски кои покажаа дека може да се смета на нив.
Македонија имаше предност во текот на целиот натпревар. Позитивата ја одржуваше без поголеми тешкотии во првото полувреме, а потоа Србија израмни на 16-16 и почнала битка гол за гол. Иако Македонија водеше со 24-20, гостите израмнија на 27-27.
Одлучуваше последниот напад, со кој искусниот Лазаров, на 12 секунди погоди за триумф и попозитивно расположение пред патувањето за Германија.