Димитар Мираковски ја повреди препоната, и Работнички најверојатно нема да може да смета на него до крајот на финалната серија од плејофот во кошаркарското првенство. После тешкиот пораз од МЗТ Скопје, ова е уште една лоша вест за клубот од „Градски парк“.
Мираковски се повреди во третата четвртина на денешниот меч. Неиграњето на капитенот Мираковски ќе биде голем хендикеп за Работнички, бидејќи ветеранот има лидерски способности и претставува авторитет во екипата. Ротацијата кај Работнички и на бековските позиции ќе биде скратена, па уште поголем товар ќе падне врз останатите играчи кои ги покриваат позициите плејмејкер и бек шутер.
Работнички сезонава го освои Купот на Македонија, но ако денот се познава по утрото, во ова финале против МЗТ тешко дека може да направи нешто повеќе, и најверојатно пехарот ќе му го препушти на ривалот. Доколку сезоната е завршена за Мираковски, тоа може да значи и крај на кариерата за поранешниот репрезентативец, и од следната сезона популарниот Мите да продолжи во кошарката во некоја друга улога.