Жереми Шарди и Борна Чориќ утре, од 14 часот го отвораат финалето на Дејвис купот во тенис, а по нив, ждрепката сакаше на терен да истрчаат Жо-Вилфред Цонга и Марин Чилиќ. Финалето на ова престижно натпреварување се игра на земјена подлога на стадионот во Лил, кој беше прилагоден за тенис, па останува да се види кој ќе се снајде подобро.
Присуството на Шарди е мало изненадување, се очекуваше да игра Лук Пуј, но селекторот Јаник Ноа веројатно повеќе верува во искусниот Шарди. Во сабота се игра мечот во двојки, што значи дека едни против други ќе се најдат Ербер и Мау против Павиќ и Додиг.
Французите имаат десет титули и уште осум загубени финалиња, додека за Хрватите ова е трето учество во финале и ја бркаат втората титула. Хрватите важат за благи фаворити бидејќи играчите им се подобро рангирани, но Франција е домаќин и бранител на трофејот.