Фиорентина џабе даде 60.000 евра за пат до Удине, сега бара да ѝ се вратат парите

Коронавирусот дефинитивно направи хаос во италијанската Серија А. Многу мечеви се одложија, распоредот за одигрување е намален, а нема абер дека може да има разрешување на ситуацијата со смртоносниот вирус. Еден од неколкуте одложени мечеви во изминатиов викенд беше и дуелот во Удине меѓу Удинезе и Фиорентина.

Средбата требаше да се игра во сабота попладне, двата тима беа подготвени за игра кога стигна одлуката дека нема да се игра. Оваа одлука посебно ги погоди гостите кои џабе патуваа од Фиренца до Удине. Челниците на Виолетовите се чувствуваат изиграно затоа што некој требало предвреме да им најави дека дуелот нема да се игра и воопшто да не отпатуваат на гостувањето.

Фиорентина како трошоци за патувањето на ова гостување потрошила 60.000 евра, пари кои сега бара да ѝ бидат вратени.

„Веднаш сакаме состанок со челниците на Серија А. Не сакаме да чекаме до четврток или петок, туку тоа да биде веднаш. Бараме да ни бидат надоместени сите трошоци за патувањето во Удине, затоа што можеа веднаш да ни кажат дека нема да се игра. Не е во ред некои клубови да играат, а некои да не може да одиграат. Ќе бараме во иднина или сите да играат или сите дуели да се одложат“, вели спортскиот директор на Фиорентина, Џо Барон.

 

- Оглас -

Најнови вести