Фудбалскиот клуб Тетекс денес на прес-конференција ги презентира проблемите со кои се соочува поради забраната да ги користи фудбалските терени во Тетово и ги откри следните чекори на раководството на клубот.
„Од денес почнуваме со борба преку нашите институции, ќе се запознаат сите фактори, народен правобранител, меѓународна заедница, амбасада, Комисија за антидискриминација. Од март бараме средба за да се реши овој проблем, немаме добиено одговор, што уште да чекаме. Второ коло веќе играме, дали треба уште да се чека. Има комуникација со општина Тетово, ама тоа останува на тоа дека ќе биде теренот во Сараќино, ама што дотогаш. Бараме писмени гаранции дека клубот ќе може да се натпреварува на Градскиот стадион, зошто да не го користиме стариот градски стадион, да видиме дали има договор кој било клуб, зошто не и Тетекс. И ако нема, зошто само еден клуб може да го користи тој терен. Во Сараќино ништо не е почнато. Секоја општина помага во спортот, ние немаме денар видено“, рече Бобан Мишевски, спортски директор на ФК Тетекс.
Тој вели дека иако започнале правна процедура, бараат состанок на сите клубови со општинските власти сè со цел побрзо да се изнајде решение за проблемот.
„Општина вели дека Градски стадион е само за прволигашки екипи, па ЖФК Љуботен е Прва лига. Како е осмислено дека само прволигашка екипа може да го користи. Таму е јасно наведено дека 24 часа пред одигрување на прволигашки натпревар не може да се користи теренот. Може да играме во гости кога другите ќе бидат домашни. Има примери каде што се користи ист терен, пример Воска и Охрид, пример Караорман и Струга, не гледам зошто е проблем. Бараме средба со сите клубови, градоначалникот и млади и женски клубови и да се најде решение да се најдат термини да се тренираат на овој терен тука. На тој терен не може да се излезе од нашите простории. Ограден е и само го користи екипата на првиот тим на Шкендија. Единствено нешто што бараме во моментов е само разумен договор каде што ќе може да се излезе и да се тренира на овој терен, поточно стариот Градски стадион. На овој терен секогаш без никаков проблем тренирале првите тимови на Тетекс, Шкендија, прв тим на Љуботен, младите категории на овие три споменати клубови дури и една школа без никаков проблем со добра координација. Немало апсолутно никаков проблем“, вели Мишевски.
На проблемот се осврна и новиот тренер на Тетекс, Филип Деспотовски, кој вели дека условите во којшто тренираат на оваа висока температура се нехумани и штетни по здравјето на фудбалерите.
„Би било многу добро кога би имале избор за повеќе терени да користиме затоа што развојот на децата кои сакаат да бидат фудбалери од Тетовско тоа ќе им дозволи да им бидат достапни учењата кои ќе ги дадат тренерите. Но, немаме такви услови за младите, а да не зборувам за првиот тим, се натпреваруваме во Втора лига, искрено сакаме да одеме и понапред, имаме добри деца во клубот затоа што знаеме дека Тетово секогаш бил расадник на дорби фудбалери. Да се најде решение за да може да имаме мирна работа, да се сконцентрираме на фудбал, ние сме фудбалски работници, не сме политичари. Сакаме да си ја работиме нашата работа, затоа сме тука. И сакаме да си имаме мир во нашата работа. За првиот тим може да кажам дека тренирам во термин во 10.30, кога е многу топло, а тоа е вештачка трева, која се вжарува од топлината и многу играчи се повредуваат, што за сметка на теренот кој е со лоши услови, што за сметка на времето, топло е, се разболуваат, имаат добивано температура од сончаница и такви работи“, изјави поранешниот репрезентативец на Македонија, а сега тренер на Тетекс, Филип Деспотовски.
Капитенот Трајче Стојковски истакнува дека Тетекс е еден од најголемите фудбалски брендови во Македонија и никако не заслужил ваков третман.
„Се враќаме назад испотени, едно ниво коешто не доликува на фудбалско име како што е ФК Тетекс. Ни една школа не толерира такви работи, а ова е клуб со реноме, еден од најголемите македонски клубови и не заслужува ваков третман од кој било и да е. Овде ја тргаме политиката на страна. Овде се умешани и многу други работи и затоа спортот оди назад. Не бараме многу, бараме да имаме многу, бараме да имаме терен“, рече капитенот на Тетекс, Трајче Стојковски.
Трите тетовски клубови, Тетекс и машкиот и женскиот клуб Љуботен, изминативе денови јавно информираат дека им е забрането користењето на Градскиот и стариот стадион во Тетово и најавуваат правна разрешница на проблемот. Општина Тетово со оскудно соопштение реагираше на овие обвинувања, но во нивното соопштение никаде не беше споменат стариот стадион.