Општина Тетово објасни зошто само Шкендија смее да го користи Градскиот стадион

Екипите на ФК Тетекс, ФК Љуботен и ЖФК Љуботен добија забрана за тренирање и играње натпревари во претстојната сезона на Градскиот стадион во Тетово, па следуваше реакција од овие три клуба. Единствено Шкендија има дозвола за користење на овој стадион, а денеска стигна објаснување од општината Тетово зошто е тоа така.

Според пишувањата на општината, само Шкендија смее да го користи Градскиот стадион во Тетово затоа што тоа е единствениот клуб прволигаш.

Соопштението ви го пренесуваме во целост:

„Општина Тетово отсекогаш постапувала транспарентно и одговорно кога бил во прашање соживотот меѓу заедниците. Во оваа насока, реакцијата на двата фудбалски клуба во однос на користењето на спортските терени во нашиот град е јасно кршење на оваа традиција на транспарентност и одговорност.

Нивната последна реакција беше сосема непотребна и неодржлива. Средба со претставници на клубовите имаше и се постигна јасен консензус. Градскиот стадион да се користи само за фудбалски натпревари во Првата лига на Северна Македонија и меѓународни фудбалски натпревари, но и за натпревари од особено значење, како на пример полуфинале и финале во Купот на Македонија.

Од овој аспект, општина Тетово покажува решеност да гарантира дека овој стадион треба да биде опремен со сите потребни услови и стандарди како еден модерен и функционален објект кој ќе ги исполни сите барања на спортска арена од високото ниво во нашиот град.

За екипите кои настапуваат во пониските лиги, општината има јасен став: ќе се уредат и други терени опремени со сите потребни услови за спортски натпревари. Така, еден терен ќе се гради кај Спортскиот центар во градот, а друг во село Сараќино. Двата терена ќе бидат опремени со потребната инфраструктура, вклучително и соблекувална за тимовите и канцеларии за клубовите.

Со овие чекори, Општина Тетово ја потврдува својата посветеност за унапредување на спортот на високо ниво, транспарентност и правда за сите заедници кои живеат во нашиот град“.

- Оглас -

Најнови вести