Италијанскиот репрезентативец Алесандро Флоренци е дел од фудбалерите кои се под истрага по скандалот со недозволено обложување. Флоренци даде исказ пред јавен обвинител, а неговите адвокати демантираат дека тој се обложувал на фудбалски натпревари.
„Алесандро Флоренци разговараше со јавниот обвинител Мануел Педроти објаснувајќи го својот став и потврдувајќи дека не се обложувал на фудбалски натпревари. Призна дека има играно на илегални платформи за обложување, но тоа не било на фудбалот“, велат адвокатите на фудбалерот на Милан.
Претходно, под обвинение се најдоа и Сандро Тонали од Њукасл и Николо Фаџоли од Јувентус, но овие двајца признаа дека се обложувале и на фудбалски натпревари. Тонали доби суспензија од 10 месеци, а Фаџоли беше решено да паузира седум месеци.
Покрај Флоренци, тврдење дека не се обложувал на фудбали, туку само се коцкал на илегални платформи даде и Николо Заниоло. Ако се потврди дека Флоренци и Заниоло не се обложувале на фудбалски дуели, можно е да добијат само условна казна.