По победата над Реал во Мадрид, тренерот на Милан, Пауло Фонсека, изјави дека на некој начин е полесно да се игра во Лигата на шампионите отколку во Серија А.
„Мислам дека победивме затоа што играчите имаа храброст и ја играа својата игра без да се плашат од ништо. Сакавме да ја задржиме топката, направивме одлични работи во првото полувреме, а потоа се мачевме малку по паузата, но го направивме тоа заедно и целосно ја заслуживме оваа победа“, анализираше Фонсека.
Фонсека сака да го промени начинот на којшто се гледаат италијанските тимови во Европа.
„Не се согласувам кога луѓето велат дека италијанскиот фудбал е дефанзивен. Луѓето надвор од Италија не разбираат колку е тешка Серија А. Аталанта беше единствениот тим што успеа да го победи Баер Леверкузен минатата сезона, Монца против нас играше човек на човек. Искрено, тактички потешко е да се игра во Серија А отколку во Лигата на шампионите, дури и кога против вас е најдобриот тим на светот, Реал Мадрид, многу е поразлично“, вели Фонсека, кому повеќе му одговара кога противникот игра отворен фудбал наместо затворен во „бункер“.