Тренерот на Милан, Пауло Фонсека, изрази големо разочарување по поразот од Аталанта со 1-2, насочувајќи ја својата критика кон судијата Федерико Ла Пена и судиското работење во Италија. Фонсека смета дека неговиот тим бил неправедно третиран, што според него е честа појава во повеќе натпревари.
Тој нагласи дека Милан имал добар старт во првото полувреме, но во вториот дел не успеал да ги поврзе редовите и да ги вклучи Рафаел Леао и Алваро Мората во офанзивата.
Според Фонсека, два гола што Милан ги прими од статични ситуации ја одлучиле судбината на натпреварот, и тој смета дека неговиот тим заслужува повеќе.
Тренерот јасно го обвини Ла Пена за пристрасност во одлуките.
„Првиот гол беше постигнат по јасен фаул, без никаква дилема. Судиските одлуки постојано беа против нас, не само на овој натпревар. Ова е тренд, Милан е секогаш третиран со недоволно почит“, изјави Фонсека.
„Забележувам како за другите тимови одлуките се носат многу полесно, додека за нас се прават дополнителни компликации. Ова не може да продолжи така.“
Тренерот потсети и на спорниот момент со црвениот картон на Милан против Удинезе, кога Ла Пена бил одговорен во ВАР-собата.
„Кога видов дека тој ќе ни суди, веднаш знаев дека нема да имаме среќа“, додаде Фонсека.