Лош старт на фаворитите – Светскиот првак не ја победи Украина, вицешампионот Хрватска загуби од Словенија (Видео)

Лош старт на квалификациите за настап на Мундијалот во Катар идната година имаа фаворитите, а победи не успеаја да забележат ниту актуелниот светски првак Франција против Украина, ниту вицепрваците, Хрватите, кои загубија од Словенија во Љубљана со 1:0.

Антоан Гризман постигна еврогол во Париз во 19. минута за предност на Французите кои ја бранат титулата светски првак, но Украина си замина со голем бод.

https://twitter.com/griezmannility_/status/1374819803987382281?s=20

Кимпембе си постигна автогол во 57. минута за стартно реми на почетокот на новиот квалификациски циклус. Во Љубљана Ловриќ со гол во 15. минута и донесе вредна победа на Словенија против Хрватите.

Александар Митровиќ беше џокерот на Драган Стојковиќ Пикси, кој дебитираше како селектор на Србија со победа од 3:2 против Република Ирска.

Србите направија пресврт по негативата од 0:1, а Митровиќ беше стрелец на два гола, откако влезе во игра во 63. минута. Првиот негов и втор за Србија на мечот во Белград беше импресивен со лоб надвор од шеснаесетникот на Ирците.

https://twitter.com/Sachk0/status/1374833058642161665?s=20

Со хет-трик голови денеска се истакнаа Бурак Јилмаз во победата на Турција против Холандија од 4:2 и чешкиот репрезентативец Соучек кој погоди трипати во победата на неговата репрезентација од 6:2 против Естонија.

Резултати: Турција – Холандија 4:2, Франција – Украина 1:1, Словенија – Хрватска 1:0, Србија – Република Ирска 3:2, Белгија – Велс 3:1, Естонија – Чешка 2:6, Финска – БиХ 2:2, Летонија – Црна Гора 1:1, Малта – Русија 1:3, Португалија – Азербејџан 1:0, Кипар – Словачка 0:0, Гибралтар – Норвешка 0:3.

 


- Оглас -

Најнови вести