Французите критикуваат: Загубениот Париз

Загубениот Париз е насловот на реномираниот „Л’Екип“ по поразот на богатиот Пари Сен Жермен против Борусија Дортмунд во првиот осминафинален меч од Лигата на шампионите.

„И покрај лошиот настап, Пари Сен Жермен има шанси за пробивање во четвртфиналето. Борусија одигра одлично, без комплекс и страв од богатиот француски клуб со многу ѕвезди во тимот. Голот на Нејмар е надеж за реваншот, но не со ваква игра. Халанд е фудбалски феномен, а Борусија е одлична екипа“, пишуваат новинарите на „Л’Екип“.

ПСЖ повеќе ја имаше во посед топката на „Вестфален“, но Борусија беше поопасна и со подобри шанси за уште поубедлива победа од 2:1.

Младата фудбалска артилерија на Милионерите предводена од Халанд и Санчо му создаваше многу проблеми на ѕвездениот тим на ПСЖ, а француските медиуми пренесуваат и скептицизам дека може да се стигне до целта и конечно да се освои европската круна со ваква игра.

„Играчите на нашиот првак беа премногу комотни, резервирани и дури и исплашени. Имаа премногу загубени топки, линиите беа премногу оддалечени една од друга, што играчите на Борусија, за среќа, не го искористија тоа докрај. Нападот беше јалов, иако Мбапе и Нејмар се меѓу најдобрите офанзивци во светот. Мора да се поправат многу работи, во спротивно ќе одлета сонот за европска титула“, пишуваат новинарите на „Ле Фигаро“.

Реваншот ќе се игра во Париза на 11 март.

 

- Оглас -

Најнови вести