Фудбал со корона, секој е во своја зона

Фудбалот минува низ чуден период во услови на пандемија со корона-вирусот со посебни и строги протоколи, кои полека, но сигурно ги прават само убава и сè подалечна меморија моментите за радост, навивачката страст, полните стадиони и уште многу критериуми што се епитети за најважната споредна работа на светот.

Фудбал со корона, секој е во своја зона, беше мотото и на вчерашниот меч на репрезентацијата на Македонија против Грузија, како и претходниот, историскиот, кога во Скопје го победивме Косово за пат на големото финале во Тбилиси на 12 номеври. На меч што може да биде незаборавен за нас ако победиме и се пласираме на Европското првенство.

Во Македонија, за жал, поради ситуацијата со ковид-19, оддамна не е дозволено да има публика на стадионите, а мечевите на репрезентацијата која сигурно чекори на патот на историјата и прв пласман на големо натпреварување минува без поддршка од трибините. Со строги протоколи, со многу ограничувања и страв од најголемата криза во 21 век.

Празно, тажно и чудно изгледаше националната арена „Тодор Проески“ во есенските мечеви против Ерменија, Косово и Грузија. Ги нема енергијата и познатиот амбиент што ќе беше спектакуларен во најважниот период во историјата на фудбалот во Македонија.

Горан Пандев, Енис Барди, Аријан Адеми, Дарко Велковски и сите останати наши репрезентативци без исклучок истакнуваат дека недостасува познатото ехо од трибините. Да ги крене и да ги поддржи во моментите кога не оди, кога е тешко, кога атмосферата ни е голем сојузник и уште поголем противник на ривалите.

Но и во такви услови и со сите проблеми што ни ги создава ковид-19, Македонија храбро чекори на патот кон голем успех и прв настап на Европско првенство по 30 години самостојност. Останува уште да се прескокне последната пречка во регионот на Кавказот, со победа против Грузија на 12 ноември во Тбилиси.

За да биде како што посакуваме, фудбал каков што паметиме, без рестрикции за ковид-19 во навивачка офанзива на Букурешт. Град кој сигурно ќе биде во знакот на македонските симболи, со досега невидена страст и фудбалска атмосфера за првите два меча на ЕП против Украина и Австрија.

Потоа сè ќе биде полесно во либералниот Амстердам против домаќинот Холандија, за исполнување на сонот на фудбалските симпатизери, во натпревари за уникатно уживање, без стрес и мака, за историја, за вечно паметење.

Сега е наше време, квалитетот на македонската репрезентација дава надеж за пробив меѓу европскиот крем, а дотогаш се надеваме дека веќе ќе нема фудбал во услови на корона и поделби секој во својата зона.

 

 

- Оглас -

Најнови вести