Шведскиот дефанзивец во редовите на Манчестер јунајтед, Виктор Линделеф, не беше дел од поставата која го направи епскиот пресврт против Лион во Лигата на Европа и официјално според записникот беше резерва. Сепак, тој воопшто и не бил на стадионот бидејќи морало итно да замине поради драма која се случувала во неговиот дом, а случката за медиумите ја откри неговата сопруга Маја.
„Еден час пред мечот ме повика дадилката и ми рече дека се во возило на итната помош. Мојот најмал син, Францис, имал повреда на главата. Си играле со поголемиот брат, Теди, низ куќата, паднал низ стаклените скали и ја повредил главата. Мораше веднаш да оди на пластична операција. Се покажа како прав Викинг и веднаш се врати во нормала како ништо да не се случило. Сите бевме многу загрижени, но Францис продолжува како ништо да не се случило. Докторите велат дека ќе му остане лузна на челото, но тоа не е важно, среќна сум што сè добро заврши“, рече сопругата на Ленделеф, Маја.
Само неколку дена по оваа семејна драма, Линделеф се врати на теренот, и тоа како капитен на Манчестер јунајтед во поразот од Вулверхемптон (0-1) на домашен терен.