Фудбалер на Тулуз суспендиран поради сексистички навреди кон политичарка

Мароканскиот репрезентативец Закарија Абуклал се најде во центарот на вниманието на јавноста откако упати сексистички навреди кон политичарка во Франција, а потоа одби да игра на натпревар на денот на борбата против хомофобијата.

Абуклал, кој настапува за Тулуз, влезе во конфликт со советничката за спорт на градот, Лоренс Арибаж, додека фудбалскиот тим го прославуваше триумфот во Купот на Франција.

До инцидентот дојде кога тренерот на тимот, Филип Монтањ, држеше говор на свечениот прием. Неколкумина фудбалери беа гласни, по што Арибаж ги замоли да бидат потивки. Тоа не му се допадна на мароканскиот интернационалец, кој дрско ѝ се обрати на советничката.

„Во мојата куќа жените не разговараат така со мажите“, ѝ рекол Абуклал и веднаш се најде на удар на јавноста.

Клубот експресно го суспендира својот фудбалер поради неговиот испад.
„Поради сериозни обвинувања против играчот Закарија Абуклал, клубот објавува дека фудбалерот ќе тренира одвоено од првиот тим сè додека не ги добиеме резултатите од интерната истрага“, соопшти Тулуз.

Тој исто така одби да игра за својот тим во мечот против Нант на денот на борбата против хомофобијата. Тој исто така беше обвинет во својата земја дека е исламски радикал.

- Оглас -

Најнови вести