Во понеделникот се одржа церемонијата за доделување на наградите „The Best“ од страна на ФИФА, на која Лука Модриќ беше прогласен за најдобар фудбалер на светот. Ваквиот тип церемонии не му се допаѓаат на тренерот на Барселона, Ернесто Валверде, кој смета дека на тој начин го прават фудбалот повеќе да личи на шоу-бизнис отколку на спорт.
„Во минатото немаше толку многу награди за индивидуалци, и оние кои постоеја не беа толку промовирани. Сѐ повеќе се доделуваат признанија, се организираат гала-вечери, на сѐ се посветува посебно внимание. Тие настани служат како промоција на организации кои немаат многу врска со фудбалот. Фудбалот е спорт, но сѐ повеќе личи на шоу-бизнис“, истакна Валверде.