Фудбалскиот свет никогаш не жалел повеќе само за еден човек

Не само минатата недела, не само месецот кој изминува, туку цела година на спортски план ќе се памти по една многу лоша работа. Си замина Диего Армандо Марадона. Фудбалерот кој според многумина е најдобриот на сите времиња, легендата која толку многу даде во фудбалот, но како што самиот знаеше да каже, можел да даде и многу повеќе доколку не беа проблемите што ги имаше со дрогата.

„Знаете ли каков играч ќе бев јас ако не се дрогирав“, знаеше да каже Марадонa, кој почина на 60-годишна возраст во својот дом. Си замина во сон. Додека многумина фудбалери сонуваат да имаат дел од кариерата на легендарниот Аргентинец, тој се одјави во сон. Марадона си замина од овој свет, но ќе остане еден и единствен и како што многумина во последните пораки упатени до Аргентинецот велеа дека тој останува ВЕЧЕН.

Сите се восхитуваа на визијата за фудбал што тој ја имаше, неговата контрола на топката, дриблингот, страста со која играше. Едноставно, мелем за очите беше на сите фудбалски гурмани, па не случајно, заедно со Пепе беше прогласен за најдобар фудбалер во историјата за 20 век.

Тој е првиот фудбалер кој успеал двапати да постави светски рекорд за висината на трансферот. Најпрво дојде во Барселона во 1982 година за тогашни рекордни 5 милиони фунти, а две години подоцна замина во Наполи за трансфер вреден 6,9 милиони фунти. Во кариерата уште играше и за Аргентина јуниорс, Севилја, Њуел олд бојс и неговата омилена Бока јуниорс, дрес во кој и за последен пат истрча на официјален меч во 1997 година.

Во Аргентина беше прогласена тридневна жалост поради смртта на Марадона. За нив, тој беше многу повеќе од играч, тој беше фудбалски Бог. Човекот кој во 1986 година им ја донесе светската титула во фудбал, што е и последна нивна радост засега.

Многумина во Лионел Меси ја гледаат „фудбалската реинкарнација“ на Марадона, но на Лео има нешто што му фали. Му недостасува тоа за што Аргентинците најмногу се радуваат, светската титула во фудбал.

Тие што не го гледале Марадона, постојат многу клипови на кои се гледа неговата фудбалска магија. Во изминативе неколку дена, низ целиот свет се оддава почит за Марадона, голови се посветуваат на легендарниот Диего, Наполи го преименува стадионот во негова чест, во Аргентина, Купот сега го носи името на Марадона. Низ годините, многумина фудбалски легенди си заминале од овој свет, но за никого не се жалело толку многу како за Марадона сега. Едноставно, името на Диего Армандо Марадона ќе живее вечно во фудбалскиот свет.

Од спортски аспект, 2020 година ќе се памти како година во која заминаа две големи спортски легенди. На почетокот на годината, на 26 јануари, во хеликоптерска несреќа загина Коби Брајант, кошаркарот кого исто така многумина го сметаат за најдобар на сите времиња заедно со Мајкл Џордан.

Коби, кој како дете има растено во Италија, знаеше да каже дека токму Марадона е негов идол затоа што често го гледал како игра низ терените во оваа земја.

„Марадона е мојот идол. Го обожавам Марадона. Кога бев мал, во Италија секогаш го гледав кога играше за Наполи”, велеше Брајант.

Сега двете спортски легенди се горе на небото, никогаш нема да бидат заборавени и секогаш ќе бидат пример за многу генерации кои мечтаат за да стигнат до совршенството во спортот.

- Оглас -

Најнови вести