Стивен Џерард има големи маки како тренер на Астон вила, а дури може да добие и отказ по дебаклот вечерва и поразот од 3:0 на гости против Фулам.
Клубот од Бирмингам лесно падна на „Крејвен котиџ“ во Лондон, а поразот се наѕираше по првото полувреме, кое заврши со 1:0 за домаќините.
Рид го постигна голот за почетна предност на Фулам, а Александар Митровиќ со погодок од пенал во 68-мата минута само ги дуплира маките на Џерард и на Астон вила.
Пет минути претходно беше исклучен Даглас Луис, па комплетно се распаднаа системот и стратегијата на големата англиска легенда на клупата на гостите.
Печат на тешката вечер и маките за Џерард и гостите од Бирмингам стави Тајрон Мингс со автогол во 83-тата минута.
Фулам со четвртата победа сезонава се проби на деветтото место во Премиер лигата со 15 бода на 11 меча, а Астон вила е само на една позиција над опасната зона, на 17-тото место со 9 бода.