Гасперини стравува, Аталанта ќе игра без професорот против ПСЖ

Јосип Иличиќ, еден од главните адути на Аталанта, веројатно ќе го пропушти и најважниот меч во историјата на клубот, тој против Пари Сен Жермен во четвртфиналето од Лигата на шампионите на 12 август на стадионот „Луж“ во Лисабон.

Професорот, како што го нарекуваат во Италија, е повреден и моментно не игра, а како што вели тенерот на италијанскиот и европски хит сезонава, Џанпјеро Гасперини, веројатно Иличиќ нема да настапи против ПСЖ.

„Во клучните моменти од сезоната ги немавме главните адути во тимот. Прво ни се повреди Дуван Запата, а сега и Иличиќ. Колку подолго трае паузата за него, толку поголем скептик сум дека ќе го имаме во тимот за дуелот со Пари Сен Жермен. За жал, веројатно ќе мораме да играме без него во четвртфиналето во Лигата на шампионите“, изјави Гасперини.

Иличиќ има 32 години и блескаше сезонава во полн сјај и во Калчото, но и во Лигата на шампионите. На Валенсија во реваншот од осминафиналето ѝ даде дури четири гола, со што стана највозрасниот играч во историјата на луксузното натпреварување со покер-погодоци и прв што погодил четворка на гостински терен во елиминациски меч во ЛШ.

Вкупно сезонава во Лигата на шампионите постигна пет гола, а во Серија А трипати повеќе, односно 15. Се повреди на дуелот со Јувентус на 1 јули и ототгаш нема играно.

Пласманот во четвртфиналето за Аталанта е најголем успех во клупската историја на евросцената. Во нокаут-меч бергамашите ќе се обидат да го елиминираат фаворизираниот ПСЖ, кој ќе игра без Килијан Мбапе, и да продолжат да сонуваат за голем подвиг и освојување на пехарот во Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести