Фудбалерите на Реал Сосиедад како вистински херои беа пречекани во Сан Себастијан дури од 100.000 луѓе. Величествениот дочек фудбалерите го заслужија со освојување на Купот на Шпанија. Во финалето на Купот, Сосиедад по големата борба откако беше 2:2 по 120 минути игра, на пенали го победи Атлетико Мадрид со 4:3.
Еуфоричните навивачи на Сосиедад од 2020 година чекаа да се израдуваат на еден голем пехар, а и пред шест години тоа беше трофејот во Купот. Во својот град фудбалерите качени на сино-бел автобус без покрив ги поздравуваа навивачите кои беа собрани низ улиците на Сан Себастијан, покажувајќи го освоениот пехар.
What happened today will stay with us forever. !
@eitbkirolak#GUazenREALA pic.twitter.com/sN0Z1tbouu
— Real Sociedad (@RealSociedadEN) April 20, 2026
„Ова е трофеј кој засекогаш ќе го носиме во нашите срца, а овој поглед кој сега го имаме, едноставно нема цена“, рече капитенот на Сосиедад, Микел Ојарзабал, кој беше стрелец на еден од двата гола во регуларниот дел. Публиката еуфорично скандираше: „Микел Златна топка“, покажувајќи дека тој за нив е најдобриот фудбалер во светот.
Баскискиот тим сезонава ја почна лошо и беше во опасна зона, но по доаѓањето на новиот тренер Пелегрино Матарацо, ситуацијата се смени на многу подобро. Сега се радуваат на трофејот во Купот, а во првенството Сосиедад е на седмото место на табелата.
„Ви благодарам на сите што од првиот момент ми покажавте како се сака Сосиедад. Чувствувам дека ова е само почеток“, рече тренерот Матарацо на прославата.

