Гатузо: Вечерва е најважниот меч во мојата кариера

Селекторот на италијанската фудбалска репрезентација, Џенаро Гатузо, ги предупреди своите фудбалери да не го потценуваат полуфиналето од плејофот за пласман на Светското првенство против Северна Ирска, опишувајќи го како „најважниот натпревар“ во неговата кариера. По двата последователни пропуштени Мундијала, Аѕурите немаат право на грешка вечерва.

Гатузо, светски првак од 2006 година како играч, седна на клупата на Италија во јуни по слабото отворање на квалификациите под раководство на Лучано Спалети. Под негово водство, Италијанците сепак не обезбедија директен пласман, завршувајќи на второто место во групата зад Норвешка.

„Ќе лажам ако кажам дека кога легнувам навечер, не слушам гласови кои велат ‘водете нè на Светското првенство, водете нè на Светското првенство‘. Точно тоа го слушам и овој натпревар е најважниот во мојата кариера, иако веќе одамна сум тренер. Со тоа сѐ е кажано, подготвен сум и верувајте дека не размислувам за негативен исход. Сакам да бидам позитивен и да мислам на победата. Вечерва ќе го одиграме нашиот натпревар и тогаш ќе видиме“, изјави Гатузо.

Италијанскиот стратег располага со искусен состав, но сепак ги истакна мотивацијата и гладот за успех на Северна Ирска како потенцијална закана. Младиот тим на О’Нил разви свој стил на игра, но Гатузо посочи дека тие главно се потпираат на долги топки и центаршутеви.

„Мораме да бидеме подготвени да страдаме кога Северна Ирска систематски ја испраќа топката во казнениот простор, да имаме на ум дека при секој слободен удар, нивниот голман ќе испрати долга топка напред, со осуммина или деветмина играчи кои се борат со неверојатна глад да ја освојат топката. Нашите играчи знаат што треба да направат – да ја почувствуваат опасноста и да се борат за секоја топка. Мораме да внимаваме при тие ситуации. Не велам дека играат само со долги додавања, но тоа е нивната главна карактеристика и ја реализираат многу добро“, објасни Гатузо.

Во случај на победа над Северна Ирска, Италија ќе се соочи со победникот од другото полуфинале меѓу Велс и Босна и Херцеговина, кој исто така се игра вечерва од 20:45 часот.

- Оглас -

Најнови вести