Гем, сет, меч, Ѓоковиќ!

Денеска АТП-листата на најдобри светски тенисери доби нов лидер, Новак Ѓоковиќ, а по неговата победа на Отвореното првенство на Австралија, тоа е и реалност, никој не може да му оспори дали е најдобар во моментов или не. Најдобар е, речиси невозможно е да му земете три сета на тврда подлога и треба да му честита, но се чини дека кај нас по малку и се претерува со славењето.

Социјалните мрежи „гореа“ вчера, Македонците се натпреваруваа кој ќе смисли подобра честитка (честопати и на српски јазик) за триумфот на Ѓоковиќ. Едноставно, мераклии сме да ги славиме успесите на странски спортисти. Неодамна ги славевме Хрватите кога стигнаа до финалето на ракометното ЕП, сега во прв план е Ѓоковиќ, честопати по некоја мајсторија, хет-трик или слично ги славиме и далечните Лионел Меси и Кристијано Роналдо, ги нарекуваме вонземјани и уште какви не епитети им се даваат.

И нашите си ги славиме, не дека само ги „хејтаме“, ама ги нема многу. Ракометарите на Вардар се последните кои предизвикаа еуфорија од ваков тип, па „во слободно време“, додека чекаме некоја друга домашна сензација, како на пример „Медена земја“ да освои „Оскар“ и главната хероина Атиџе да ја чекаме на аеродром, ни останува да си навиваме за странците. Квотите за „Оскар“ најавуваат дека нема да биде лесно, но не и невозможно.

Што ли ќе беше ако Ноле загубеше од Доминик Тим? Национална трагедија, ќе се плачеше како по Коби или Буштур. Ќе требаше денеска да биде ден на жалост. Ќе се радуваа само тие што уплатиле на победа на Австриецот, но веројатно такви се малкумина.

Последните 13 Гренд слема ги освоија Ѓоковиќ, Федерер и Надал. Сите тројца имаат над 30 години, а ниту една голема титула немаат тенисерите родени во 90-тите години. Велат светот останува на младите, ама ако им дозволат постарите. Во тенисот старите не го даваат врвот, младите ќе мора многу да се потрудат.

МАКЕДОНСКАТА КОШАРКА ОСАКАТЕНА СО ЗАГУБАТА НА БУШТУР

Уште не бевме оправени од шокот кој ни го донесе смртта на Коби Брајант, неколку дена подоцна дојде нов кошаркарски удар, овојпат дома, во Скопје. Загина Благоја Георгиевски-Буштур, легенда на Работнички и на македонската кошарка.

Човекот играл и освоил медал на Олимписки игри за репрезентација на поранешна Југославија. Тоа е како сега да имаме наше дете во тим во кој би биле Дончиќ, Драгиќ, Бојан и Богдан Богдановиќ, Шариќ, Јокиќ, Вучевиќ, итн. Ова доволно говори кој беше човекот кој сите го препознаваа по прекарот.

Кошарка во Македонија ќе се игра и понатаму, но дресот со бројот 13 во Работнички веќе никој нема да го носи. Тоа е фино како за почеток, а сигурно ќе има и други потези со кои нема да се дозволи Буштур да биде заборавен. За сето тоа што го има направено, заслужи најголеми почести.

Лесна му земја.

ЗА ХАЛАНД САМО НЕБОТО Е ГРАНИЦА

Лидерите во Шпанија, Италија, a да не зборуваме за Франција и Англија, победија викендов. Сите кои типуваа нивни победи, погодија. Немаше сензационални киксеви на фаворитите. Ливерпул отиде дури на 22 бода, математиката вели дека можеби веќе во март ќе ја прослави титулата. И за ПСЖ прашање на време е кога ќе го крене трофејот, додека во Шпанија трката е тесна и ќе се води помеѓу Реал и Барса, а во Италија три тима конкурираат за Скудетото.

Во Германија дојде до промена на врвот. Како што кажа Линекер пред 30-тина години, дека фудбалот е „игра 11-мина против 11-мина и на крајот секогаш победува Германија“, така личи дека и Бундеслигата е натпреварување во кое „врти-сучи“, пак на крај првак е Баерн. Баварците го искористија киксот на Лајпциг и го зазедоа тронот.

Баерн не треба да се плаши од Ред Бул Лајпциг, туку од третата Борусија Дортмунд. Никој не знае каде се лимитите на норвешкото голгетерско чудо Ерлинг Халанд. Овој тинејџер даде седум гола на три меча, а за себе вели дека не е во топ-форма. Ако влезе во форма, не би се обложиле против Борусија во трката со Баерн.

 

- Оглас -

Најнови вести