Германија сама си ги реши дилемите, ја победи Холандија и го визира билетот за четвртфиналето

Ракометната репрезентација на Германија со 33:26 ја совлада Холандија во рамки на второто коло од групата 3 во главната фаза.

Со победата, Германија обезбеди пласман во четвртфиналето бидејќи пред последното коло има четири бода повеќе од Србија и Холандија. Во последното коло, Германија и Норвешка во меѓусебен дуел ќе одредат кој ќе оди во четвртфиналето како првопласиран од групата бидејќи и двете репрезентации имаат максимален ефект досега.

Воведните минути од натпреварот им припаднаа на Холанѓаните кои имаа еден гол предност се до осмата минута (3:4), по што следеше серија од 3:0 на Германија и водство од 6:4 со кое ја презедоа контролата врз резултатот и играта.

На одмор заминаа со три гола предност (15:12), а во вториот дел предноста ја зголемија и до девет гола (26:17) што им обезбеди мирна завршница. Одличен беше Јури Кнор со девет гола, додека на голот блескаше Андреас Волф кој имаше дури 17 одбрани. Кај Холанѓаните се истакна Каи Смитс со шест постигнати голови.

Во групата 4, Данска со 33:24 беше подобра од САД и го завери пласманот во четвртфиналето. Лукас Јоргенсен со осум гола беше најпрецизен на средбата.
Данска во последното коло ќе игра против Египет и со евентуална победа ќе го освои првото место во групата 4.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести