Германците обезбедија посебан балон за петмината англиски мускетари во репрезентацијата за мартовските квалигикациски мечеви, меѓу нив и против Македонија на 31. март, а Тимо Вернер, Каи Хаверц, Илкај Гиндоган, Антонио Ридигер и Бернд Лено, кои настапуваат за клубови од Премиерлигата ќе мораат да се придржуваат кон посебно строги услови за да можат да играат.
За нив е обезбедена посебна изолација од останатите репрезентативци на Германија, гаранција што ја понуди фудбалската федерација, ДФБ за да можат да играат со Исланд на 25. март, со Романија три дена подоцна и против Македонија на 31. март.
Јоаким Лев стравуваше дека нема да може да смета на петорката „Англичани“ поради панедмијата со корона-вирус. Германија ја има ставено Англија како ризична земја со зголемен број на заразени од котона-вирус и за сите што доаѓаат од оваа држава има задолжителен карантин од 10-14 дена.
Во овој случај има исклучок, откако се понудени гаранции дека Вернер, Хаверц, Гиндоган, Ридигер и Лено ќе бидат во посебен балон изолирани од останатите репрезентативци на Германија.
Македонија за првпат во фудбалската историја ќе игра со четирикратниот светски првак, а сефте ќе направиме на „МСВ“ арена во Дуизбург во последниот ден од овој месец на меч што ќе се игра од 20.45 часот.
Претходно ќе играме со Романија на 25. март во Букурешт во истиот термин за почеток на квалификацискиот циклус за пласман на Мундијалот во Катар идната година, а три дена потоа во Скопје ќе ни гостува Лихтенштајн, на меч што исто така ќе се игра од 20.45 часот.