Манчестер јунајтед веќе „прослави“ една деценија од последната титула во Премиер лигата, а клубот никако да се врати на старите победнички навики од времето на легендарниот Алекс Фергусон.
Во новата сезона, Манчестер јунајтед доби и нов тренер, а тоа е Ерик тен Хаг. Стратегот кој направи одлична работа со Ајакс и освои титули во Холандија, сега за предизвик ќе има да ги однесе Црвените ѓаволи до трофеј во Премиер лигата.
Со доаѓањето на „Олд Трафорд“, холандскиот стратег постави некои нови правила, а едно е многу интересно. Тен Хаг наредил тревата на „Олд Трафорд“ секогаш да биде поткосена на 15 милиметри затоа што во иднина планира екипата да игра со многу додавања, а таа пас-игра да донесе побрз проток на топката и создавање шанси пред противничкиот гол.
Една од идеите на новиот стратег е и враќање на традиционалното заедничко ручање на фудбалерите, нешто што беше стандард во ерата на Фергусон. Токму тие заеднички ручеци беа причина за поголема сплотеност меѓу играчите и создавање победничка хемија.
Откако Ферги си замина, тренерите кои доаѓаа не практикуваа да ги соберат фудбалерите на заеднички ручеци, а сега Тен Хаг ја враќа оваа малку подзаборавена пракса во Манчестер, тимот кој во следната сезона нема да игра ниту во Лигата на шампионите, туку ќе се бори за трофејот во Лигата на Европа.