Глик: Победа против Македонија ни носи поспокоен пат кон ЕП

Камил Глик е подготвен за настап против Македонија утре на стоперската позиција во полскиот национален состав, а ќе се потсети на времињата кога настапуваше за Бари и за Торино и често имаше дуели со нашите „Италијанци“ Горан Пандев, Александар Трајковски и Илија Несторовски.

„Подготвен сум за настап, иако имав мали проблеми со повреда. Очекувам да одиграме добар меч. Ги познавам квалитетите на Пандев, Несторовски и Трајковски, игравме долго во Серија А. Македонија со нив игра сè подобро и во оваа група сите селекции имаат шанса за пласман на Европското првенство“, вели 31-годишниот репрезентативец на Полска.

Стоперот на Монако има 66 настапи за Полска и е меѓу најискусните кај гостите, заедно со Гросицки и само зад капитенот Роберт Левандовски со 104 меча за националниот состав.

И селекторот на гостите, Јиржи Брзечек, очекува тежок меч, но и победа на фаворитот. Мал проблем за Полјаците е што дополнително се заморија денеска на патешествието до Скопје бидејќи летот им доцнеше 2 часа.

„Нема да ни влијае доцнењето на авионот и верувам дека ќе бидеме подготвени за мечот со Македонија. Имаат добра селекција, а рангирањето на ФИФА-листата не е мерило за квалитетот на селекциите и не мора ништо да значи. Домаќините имаат квалитетен тим и добар спој на младост и искуство. Проблем за сите репрезентации е што играчите имаа мала пауза по завршувањето на првенствата за подготовки, па јунските мечеви се многу напорни. Имаме квалитет за да прегрмиме едно тешко гостување“, изјави Брзечек.

 

 

- Оглас -

Најнови вести