Германскиот репрезентативец Серж Гнабри е многу блиску до потпишување нов договор со Баерн Минхен. Неговиот актуелен договор истекува на крајот од оваа сезона.
Според информациите на „Билд“, офанзивниот играч за врска се наоѓа во одлична форма од почетокот на сезоната, па раководството на германскиот шампион планира да му понуди нов двегодишен договор.
Во моментов, Гнабри заработува околу 17 милиони евра годишно со бонусите, но е подготвен неговата основна плата да биде намалена. Се очекува двете страни брзо да постигнат договор.
Фудбалерот се чувствува одлично во Минхен, а тренерот Венсан Компани успеа да го врати во неговата најдобра форма.
Серж Гнабри е дел од Баерн од летото 2017 година, при што една сезона настапуваше како позајмен играч во Хофенхајм. Во тековната сезона има одиграно 10 натпревари, постигна три гола и запиша четири асистенции.

