Го „искрши“ Мбапе и се прости од фудбалот

Лоик Перан објави дека ја завршува фудбалската кариера само по една седмица откако со груб старт во финалето на Францускиот куп го повреди Килијан Мбапе, играч што нема да настапи во четвртфиналето на Лигата на шампионите.

Тоа ќе биде веројатно и единствената црна дамка во фудбалската кариера на Перан, кој е еден од последните фудбалски витези што играл само за еден клуб, а тоа е десеткратниот француски првак Сент Етјен.

За жал, Лоик не успеа да освои ниту една од рекордните 10 шампионски круни на Сент Етјен бидејќи последната е од сезоната 1980/81, а Перан е во клубот од 1997, или цели 23 години.

До 2003 година ги мина младинските категории на францускиот гигант, кој е рекордер со Марсеј според бројот на титулите, а ги имаат по 10.

Во 2003 година Перан дебитираше за сениорскиот тим на Зелените и одигра над 400 мечеви со околу 30 постигнати голови.

Во Сент Етјен 34-годишниот стопер го сметаат за голема легенда на клубот и му посакаа успешна постфудбалска кариера на досегашниот капитен на тимот.

 

- Оглас -

Најнови вести