Го оспоруваа, сега е чесно да му се симне капа – Сер Боби Милевски е махер за драматични завршници

Благоја Милевски истрпе многу критики, често и незаслужени, но на остриците одговори со многу работа, што му донесе резултат и повторно е во ситуација да направи голем резултат со македонска репрезентација.

Популарниот Сер Боби беше првиот селектор што успеа да игра на Европско првенство, со младинците во Полска во 2017 година, а и тогаш и сега покажува дека е мајстор за драматични фудбалски завршници.

И повторно е во ситуација да го потопи Исланд и да се доближи до пат на големо натпреварување, на Мундијалот во Катар што ќе се игра идната година.

За тоа ни треба победа против Рибарите во недела од 18 часот, а токму тие му беа судбина и во октомври 2016 година. Тогаш Милевски, неговите избраници од златната генерација младинци и цела Македонија со нетрпение чекаа позитивни вести од Рејкјавик, каде што Исланд играше со Украина и загуби со 2:4, со што нè испрати на младинското Европско првенство во Полска што се играше следната година.

Тоа беше прво големо натпреварување за Македонија, а го остварија Милевски и младинците до 21 година.

Голем дел од нив, повторно предводени од Милевски како селектор на А репрезентацијата, сега ќе го имаат Исланд како директен ривал, пак во последно коло и со победа ќе играат во дополнителните два бараж-дуели за настап на уште едно големо натпреварување, сега на прв Мундијал во историјата на македонскиот фудбал.

На 11 октомври пред пет години, над 25 илјади гледачи на Националната арена во Скопје грмеа од радост по нашата победа против Шкотска со 2:0 и поразот на Исланд од Украина со 2:4 за прво место во група уште во конкуренција и на моќните младинци на Франција, со Павар, Рабио, Кимпембе, Лемар, Толисо, Дембеле, Халер, Ленгле…. во составот и Северна Ирска, што ни донесе настап на прво Европско првенство.

Во недела од 18 часот повторно ќе грми од трибините на скопската фудбалска убавица, се очекува полн капацитет според ковид-протоколите и прослава на уште една голема победа на Македонија, што ќе нè приближи на два чекори до настап на уште едно големо натпреварување и на прво Светско првенство, закажано за идната година во Катар.

 

- Оглас -

Најнови вести