Ѓоковиќ ги држи сите во неизвесност

Новак Ѓоковиќ го задржа првото место на АТП-листата и сега главна цел ќе му биде да остане лидер во светскиот тенис до крајот на годината. Србинот е во Белград и тренира на тениските терени „Новак“, а спаринг-партнер му е тенисерката Олга Даниловиќ.

„Почнав да тренирам. Помина доста време откога последен пат тренирав со рекетот во рака. Тренирав кондиционо, но не со рекетот во рака. Повеќе јас бев нејзин спаринг-партнер отколку таа на мене. Ја подготвувам, а на следниот нејзин турнир ќе видиме каков резултат ќе направи“, вели Ѓоковиќ во изјава за „Блиц“.

Планот на Ѓоковиќ е да игра неколку важни турнири до крајот на годината.

„Планирам да играм во Париз, на завршниот мастерс во Торино, како и на Дејвис куп мечевите. Тоа е мојот распоред до крајот на сезоната. Во Белград треба да останам до крајот на оваа недела“, вели Ѓоковиќ, кој нема играно, а ниту тренирано од поразот во финалето на Отвореното првенство на САД од Данил Медведев.

Најголемата дилема околу Ѓоковиќ е тоа дали се има вакцинирано и дали ќе може да игра на првиот гренслем-турнир во 2022 година, а тоа е Отвореното првенство на Австралија. Според сегашните правила, во Мелбурн ќе играат само оние тенисери кои се вакцинирани.

„Ја следам ситуацијата во Австралија и колку што знам, Владата на земјата заедно со Тенис Австралија ќе одлучат за две недели. Тоа значи дека се ќе се знае до првата или втората недела на ноември. Не верувам дека нешто многу ќе се смени ситуацијата од таа која е во моментов. Тоа што го слушнав е дека од тамошната Федерација се обидуваат да ги подобрат условите за сите тенисери и за тие што се вакцинирани и за тие што не се вакцинирани“, вели Ѓоковиќ, кој даде еден пример околу тоа дека нема многу голема разлика за тоа дали е некој вакцинирани или не е. Србинот вели дека нема да открие дали тој примил вакцина или не.

„Ако сте во авион со некој кој е позитивен, без разлика дали сте вакциниран или не, ќе мора да одите 14 дена во карантин. Тоа во јануари му се случи на Виктор Троицки и на уште 70-тина други тенисери. Сите мораа да одат во карантин. Не знам дали ќе одам во Австралија, но моментално ситуацијата не е добра. Нема да откријам дали сум вакциниран или не. Тоа е лична работа. Премногу луѓе си даваат слобода да прашуваат секакви работи, а потоа и да го осудуваат човекот. Што и да одговориш, ‘дали си вакциниран или не си, или можеби ќе се вакцинираш или не знаеш’, што и да кажеш, ќе бидеш цел на злоупотреба“, заврши Ѓоковиќ.

 

- Оглас -

Најнови вести