Новак Ѓоковиќ без проблеми го совлада Жереми Шарди со 6-3, 6-1, 6-2 во првото коло на Отвореното првенство на Австралија во тенис. Србинот ќе се обиде да го освои деветтото Отворено првенство на Австралија во кариерата, а според стартот, има реални шанси да го оствари замисленото и да ја продолжи потерата по рекордот на Роџер Федерер по бројот на гренслем титули.
Ѓоковиќ никогаш во кариерата не загубил ниту сет од искусниот Шарди, кој е 66-ти на АТП-листата, а меѓу себе играле 14 пати. Ѓоковиќ во еден период од дуелот во Мелбурн освои пет гејма по ред, и тоа за само 17 минути.
Во второто коло Ноле ќе се сретне со Американецот Френсис Тијафо (62 на АТП), против кого никогаш не играл официјален меч. Тијафо во првото коло со 3-0 во сетови го надигра Италијанецот Стефано Траваља.