Новак Ѓоковиќ мораше да се повлече од полуфиналето на Австралија oпен против Александар Зверев поради повреда. Неговиот потег не им се допадна на сите гледачи и љубители на тенисот, а дел од публиката на стадионот го исвирка, сомневајќи се во вистинитоста на неговата повреда.
Поради тоа, српскиот тенисер кратко по повлекувањето од првиот Гренд слем во сезоната објави снимка од магнетна резонанца на платформата „X“, на која се гледаат сериозни оштетувања на мускулот.
„Ќе го оставам ова овде за сите ‘експерти’ за спортски повреди“, напиша Ѓоковиќ покрај фотографијата што прикажува руптура или кинење на мускулот.
Кинењето на мускул најчесто настанува при експлозивни движења што комбинираат брзина и сила. Ѓоковиќ ја заработил повредата додека се обидувал да стигне топка при лизгање.
Уште пред тој меч, за време на четвртфиналето против Карлос Алкарас, Ѓоковиќ беше обвинет за „трикови“ со кои го нарушува ритамот на противникот. Му беше припишано дека повторно направил нешто поради што често го критикуваат – дека глумел повреда и барал пауза во моменти кога неговиот противник доминира.
Еден од тие што го кажаа тоа беше Џон Мекинро, поранешен американски тенисер, кој беше број 1 во светот во поединечна и во двојки конкуренција, а денес е стручен коментатор.
„Ова не е првпат да го гледаме. Немојте да се залажувате“, рече Мекинро откако Ѓоковиќ при 4-5 во првиот сет побара медицинска помош.
Сега, во интервју за „Спорт Клуб“, Ѓоковиќ објасни зошто ја објави снимката од повредата. Иако не го спомена Мекинро директно, многумина веруваат дека пораката била упатена и до него.
„Бев испровоциран од фактот што неколкупати досега сум бил повреден во Австралија – во 2021 и 2023 година. Не можам да кажам дека сите, но чувствував дека голема група луѓе мисли дека тоа не е вистина, дека моите повреди се некаква провокација или стратегија за психолошки притисок врз противниците“, рече Ѓоковиќ и додаде:
„Немаше да реагирам доколку не реагираа некои легенди на нашиот спорт. Кога нешто останува на социјалните мрежи, тоа е во ред. Но, кога ситуацијата ескалира до степен да луѓето се сомневаат и го доведуваат во прашање мојот интегритет и веродостојноста на тоа што го зборувам – особено кога станува збор за личности кои имаат милионска публика што ги слуша – тогаш почувствував потреба да реагирам.“
„Затоа ја покажав снимката. Никогаш досега не сум го правел тоа, но сега решив да го сторам поради кулминацијата на сè што се случуваше со години. Не беше само оваа година, туку и во 2021, 2023 и сега. Едноставно, се заситив од тие коментари. Кога луѓе што имаат големо значење во нашиот спорт го зборуваат тоа што го зборуваа, морав да реагирам“, заклучи Ѓоковиќ.