Новак Ѓоковиќ вечерва во 20.30 часот во Буенос Аирес ќе одигра егзибициски меч против Хуан Мартин дел Потро кој се простува од тенисот, а Србинот најави дека следната година ќе игра на повеќе турнири отколку годинава.
Старите ривали Дел Потро и Ѓоковиќ ќе им приредат спектакл на 15.000 навивачи во главниот град на Аргентина. Дел Потро рече дека се надева оти ќе може да игра еден или два часа. Тој во кариерата имаше четири победи (има и 16 порази) против Ѓоковиќ, но две беа на Олимписки игри во 2012 и 2016, и тоа беа ептен болни порази за Новак кој остануваше без посакуваниот медал.
Новак и Делпо иако беа ривали на терен, беа и пријатели, затоа и Аргентинецот одбра прошталниот меч да му биде токму против него.
Инаку, Делпотро нема играно од февруари 2022, а Ѓоковиќ од октомври, но најави дека следната година ќе се појавува почесто на турнирите и тоа по барање на новиот тренер Енди Мареј.
„Не играв многу во 2024 година и освен олимпиското злато и финалето на Вимблдон, тоа ми беше можеби најнепрофитабилната сезона во последните десет години, со многу подеми и падови. Чувствувам дека се уште можам да играм на високо ниво. Синер и Алкараз се етаблираа како двајца најдобри, не заборавајќи го Зверев. Тие ќе бидат фаворити на гренслемите“, изјави Ѓоковиќ кој ја чека својата 100-та турнирска титула, а приоритет му се четирите гренслем турнири.
„Следната година ќе играм на повеќе турнири, а посебен приоритет ќе ми бидат гренслемовите. Ќе дадам се од себе да освојам, се разбира доколку телото ми дозволи. Добро сум, имам време за одмор и анализа што можам да подобрам за следната сезона да ми биде подобра од оваа“, додаде Новак.